Јакимовски: Дојдовме до уште една многу битна победа

Андреј Јакимовски уште еднаш покажа дека е големо засилување за нашиот национален тим во првата фаза од овој циклус од претквалификациите за ЕП 2025. Во моментите кога „требаше“, заедно со Ненад Димитријевиќ и капитенот Војдан Стојановски го донесоа толку посакуваниот пресврт, и во играта и во резултатот.

Постигна неколку и тоа како важни во серија. Донесе водство на нашата страна, кое успеавме да го задржиме и да победиме против незгодните Словаци.

„Мислам дека на почетокот немавме доволно добра комуникација, особено во одбраната. После советите од стручниот тим, на полувремето, ја сменивме и одбраната. Играв на позиција ‘4’, тоа делуваше доста добро во одредени моменти од натпреварот.

Освен тоа дополнителни проблеми ни зададе нивниот висок процент на реализација. Особено во шутот од далечина. И играчи кои не важат како шутери, успеваа да погодуваат. Во одреден период од мечот, мислам дека имаа дури и 60% на реализација.

На крајот, некако успеавме да ја изнесеме победата, и да ја оствариме првичната цел, во август да имаме две победи. Во финишот, кога требаше, погодувавме и јас и Нено и Војдан, дојдовме до она што го баравме во поголем дел од средбата.

Поведовме, а кога веќе стигнавме до драгоцената предност, не ја испуштивме. Дојдовме до уште една многу битна победа, која ни дава можности да завршиме како први, и да одиме понатаму во евро-квалификациите“ – коментира еден од творците на вечерашниот триумф.