Се менуваат цените за влезниците во Золошката градина Скопје – познат новиот тарифник

Зоолошката градина во Скопје се одлучи да ги ревидира влезниците и сега е има нова цена.

Се укинува цената на билетот во висина од 50 денари за посета на Дино паркот во скопската Зоолошка градина, со тоа што со билетот за влез во оваа установа, чија цена од 80 денари се зголемува на 100 денари, ќе може да се посети овој парк, кој е во рамките на Зоолошката градина.

На овој начин се овозможува посетителите да ги посетат двете дестинации по пониска цена, спротивно на сегашната ситуација кога се плаќа посебен билет за Дино паркот.

Истовремено, се врши заштеда на човечки ресурси и намалување на трошоците за бруто-исплата на плата на вработените во Зоолошката градина во однос на издавање билети за посета на Дино паркот – се наведува во образложението на одлуката за давање согласност на одлуката за цената на услугите на ЈУ Зоолошка градина.

Одлуката предвидува зголемување и на цените на дел од останатите услуги во Зоолошката градина, и тоа за 10 денари. Така, цената на билетот за Бејби ЗОО од 20 се зголемува на 30 денари, а досегашната цена на билетот за организирана предучилишна посета од 40 се зголемува на 50 денари.

Воедно, досегашната цена на билетот за ЗОО-возот за децата над една година од 50 се зголемува на 60 денари.

Исто така, се предлага и нова услуга, групна посета на Зоолошката од минимум 20 посетители. Тие ќе може со влезницата, која ќе чини 70 денари за лице, да ги посетат Зоолошката градина и Дино паркот. Цените на останатите услуги остануваат непроменети.