Србите деновиве навалија во Македонија на шопинг – причината е еден продукт

Големиот недостиг од млеко на полиците во последните денови во српските маркети, ги натера жителите на Врање уште еднаш да ја искористат близината на граничниот премин Македонија.

Па ги искористија викендите да наполнат гориво во земјава, а сега доаѓаат и да купат млеко. Според сведоштва на српските граѓани, млекото во Македонија е поскапо отколку во нивната земја, но како што велат го има доволно по маркетите низ земјава.

Во најснабдените маркети во Врање сè уште нема свежо млеко, нема ниту долгорочно млеко, само повремено на некои маркети може да се најде понекоја амбалажа, но, како што велат продавачите, „набрзина го снемува“.

„Луѓето прават залихи, затоа што неколку пати нашле празни полици поради панично купување, а сега дури и тие што купиле некои вообичаени, нормални количини, купуваат неколку пакувања ако има количина“, вели вработен во познат синџир на маркети, објави српска „Нова“.

Залихи им носат многу жители на Врање кои викендов заминале да купат млеко во соседна Северна Македонија или роднини и познаници кои заминале.

„На братучетка ми и донесов неколку пакети бидејќи пред да дојдеме на гости ми кажа дека овде нема млеко. Колку што знам, во Скопје го има доволно и чудно е затоа што најчесто е млеко од Босна и Херцеговина или Србија“, вели за „Нова.рс“ Елизабета од Скопје.

Како што додава, не ни забележала дека луѓето во паника купуваат на големо, а смета дека тие што го прават тоа во Србија создаваат дополнителни проблеми.