(ВИДЕО) Дедо Бранко од кратовско и на 84 години не се откажува од својот занает – објасни како му оди

Од година во година се помал е бројот на занаетчии и сведоци сме дека голем број на занаети кој низ годините опстојуваа и опслужуваа многу луѓе згаснуваат.

Малата заработка, машинското заменување на мајсторската вредна рака се само едни од причините, на прсти можат да се избројат тие што останаа.

Еден таков занает кој е во згаснување е и самарџиството, без кое до пред 30- 40 години беше незамисливо да се опстане.

Бранко Китановски од кратовското село Шлегово е еден од последните самарџии во државата, на свои 84 години се уште работи на занаетот.

Иако е пензионер во години, тој својот занает не го остава додека е жив и цело време изработува самари за потребите на луѓето.

– Три години го учев занаетот, а потоа станав мајстор, изработувам најразлични видови на самари, за коњите и магарињата.

– Еден самар се состои од преде и заден дел, како и церада, ќебе и сличен материјал, овде ќе ја ставам и дрвеницата како дел од самарот.

– Најчесто употребувам дрво од бука. Се уште има побарувачка, а младите не сакаат да го работат овој занает, вели чичко Бранко пред камерите на ,,Го сакаме Кратово”

– Овде претходно имаше многу самарџии, само во ова село имаше шест самарџии. Сето ова е сработено со моите десет прсти, додава тој.

– Претходно мора да се знаат добро димензиите за да одговара на животното што ќе го носи. Најчесто земам мерка на лице место.

– Овде опстојуваа многу занаетчии, покрај самарџиите имаше и доста шнајдери, ковачи, кујунџии, селото беше живо и се врвеа многу народ.