Германија дополнително се отвора за прием на странски работници

На Германија и недостасува квалификувана работна сила во областа на грижата, во информатичката технологија, но ѝ недостигаат и добри занаетчии и логистичари.

Според германската агенција за вработување, секоја година во оваа земја треба постојано да доаѓаат 400.000 специјалисти за да се стабилизира пазарот на трудот.

А во 2021 година дошле само 40.000 од нив. Кога ќе се пензионира генерацијата родени во шеесеттите, проблемот ќе биде уште полош.

Германската влада си постави задача да создаде „најсовремен имиграциски систем во Европа“, како што изјави минатиот ноември министерот за труд Хубертус Хајл.

„Многу земји се наша конкуренција за паметни глави и вредни раце. Благосостојбата на Германија се обезбедува со добивање на соодветна работна сила“, додаде тој.

Владата сега го прифати нацртот на новиот закон за трудова имиграција. Тоа всушност припаѓа на реформите кои пред три години ги иницираше претходната коалициска влада на демохристијаните и социјалдемократите.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер е задоволна:

„Денес е добар ден за економската локација на Германија и за создавање модерна и разновидна земја“. И таа постојано ја нагласува отвореноста кон светот и културата на добредојде во Германија, така што експертите и нивните семејства да се чувствуваат добро во Германија.