Германија подели рекорден број државјанства – познато и колку Македонци се стекнале со истото

Бројот на луѓе кои добиле германско државјанство пораснал за 28 проценти минатата година. Повеќе од четвртина од новите натурализирани државјани се Сиријци, покажуваат официјалните податоци.

Во текот на 2022 година околу 168,500 луѓе добиле германско државјанство, соопшти германското Сојузно биро за статистика. Тоа е најголем број од 2002 година.

Од нив, над 48 илјади или 29 проценти биле сириски државјани. Тоа е повеќе од двојно од претходната 2021 година, и седум пати повеќе одошто во 2020 година.

Причината е што најголемиот број од доселениците пристигнаа со бегалскиот бран меѓу 2014 и 2016 година и сега ги исполнуваат барањата за добивање државјанство.

Меѓу потребните услови се добро познавање на германскиот јазик и доказ дека можат сами да се издржуваат финансиски. Од Македонија лани со германско државјанство се стекнале 45 лица.

Законот вели дека германско државјанство може да се побара по 8 годишен постојан престој во земјата, но тоа не важи за сопружници и деца. Рокот може да се намали на шест години за луѓе кои „покажуваат особени интегративни остварувања“ како многу добро познавање на јазикот, професионални достигнувања или општествен ангажман.

Минатата година имало 23,100 такви „поранети“ натурализации, речиси двојно повеќе одошто во 2021, и од нив 60 проценти се Сиријци.

Втората најголема група која се здобила со германско државјанство се Турците; вкупно 14,200 или 16 процентно зголемување во однос на 2021 година, и притоа тие во просек живееле по 24 години во Германија.

Минатата година германски пасош добиле и 5,600 Украинци, речиси три пати повеќе од претходната година. Тие во просек живееле по 13,3 години во Германија, за разлика од Сиријците кај кои просекот е 6,4 години.

Сторијата во целост може да ја проследите на Дојче веле на македонски јазик.