Давид од Свети Николе заминува за Хрватска на работа – за едно нешто е свесен, но мотивот му е јасен

Хрватска стана мека за македонските сезонски работници.Податоците говорат дека минатата година, дури 10.053 македонски државјани работеле во оваа земја.

И додека нашите угостители мака мачат за да пронајдат работници, младите од државава во Хрватска гледаат можност за подобра заработка и одмор на Јадранот.

Васко Прешоски веќе втор месец престојува во Хрватска и на сезонска работа ќе биде вкупно осум месеци. Вели дека е задоволен од третманот и потврдува дека македонските работници се најприсутни во угостителските објекти

„На први април стигнав тука во Хрватска, во Опатија. Работам како келнер во хотел со четири ѕвезди. Тука ќе бидам до почетокот на декември. Има многу Македонци, преовладуваме ние Македонците тука во Хрватска. Повеќе се ценат работниците тука спрема кај нас и е повеќе платено. 40 часа неделно се работат, пет дена се работат- два дена си слободен. “ изјави во прилог на Канал 5 тв

Давид Стојанов од Свети Николе ги прави последните подготови за своето заминување во Хрватска. Покрај економскиот фактор, причина плус за сезонска работа во оваа земја, како што вели, е блискоста на хрватскиот јазик со македонскиот.

Свесен е дека го чека напорна работа, но верува дека на крајот трудот ќе му се исплати.

„Во Хрватска одам првпат на сезонска работа. Мислам дека има можност за поголеми приходи за младите и подобра парична заработка за овдешноста. Свесен сум дека ќе треба да работам повеќе од осум часа и дека работата е напорна. Хрватска мислам дека е најблиската земја која што нуди повеќе парични средства, поголеми приходи и имаме можност да се снајдеме повеќе поради близината на јазикот со нашиот“, вели за Канал 5 тв.

На социјалните мрежи, постојано се бараат работници од Македонија за Хрватска и се нуди обезбедено сместување и храна. Во зависност од местото на Јадранот, платите се движат од 700, па се до 2.000 евра.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Канал 5 тв.