Докторот Нико по 32 години работа си замина од Македонија, но пак е помеѓу Македонци

Докторот Нико Коламовски по 32 -годишниот престој во Македонија се вратил во неговиот роден крај Пустец, да се грижи за здравјето на своите сограѓани.

Веќе четири години Нико работи во Здравствениот дом во Пустец, додека со медицински услуги ги покрива селата Шулин, Леска, Зрноско и Церје.

Во прилог емитуван на албанската државна телевизија, Коламовски вели дека се вратил поради желбата да и’ помага на македоснката заедница во неговата родна грутка.

„Се чувствувам добро, се чувствувам на моето место, затоа се вратив. Повеќето тука се лица над 70 години кои не можат да се движат. Децата не им се тука. Се обиидуваме да помогнеме колку што можеме“ изјави Коламовски за РТШ, пренесе „Македониум.нет“.

Новинарот констатира дека по тоа тој „се разликува од многу негови колеги, кои се почесто ја напуштаат Албанија, а тој одлучил да остане верен на својата земја и да ја практикува професијата лекар во Пустец”.

Мисијата на лекарите дојде до израз главно во периодот на пандемијата, каде со професионализам и посветеност, белите мантили им беа посветени на пациентите погодени од овој досега непознат вирус, останувајќи верни на Хипократовата заклетва во својата хуманитарна мисија, наведува телевизијата.