Драма во Штип: Матурант се закани со пушка, полицијата се крена на нозе и го уапси

Штипски гимназијалец кој е полнолетен, на социјалната мрежа „Инстаграм“ објавил текст со заканувачка содржина.

Што стоело во објавата која била прикачена како „стори“, надлежните органи не откриваат.

Според локалната телевизија Мнет тој се заканил дека на училиште ќе дојде со пушка.

Ова е прва закана на социјална мрежа во изминатиот период, додека во Скопје и Тетово деца правеа списоци со соученици, кои по содржината беа слични на списокот кој го направи ученикот убиец од Србија кој изврши масакр. Штипјанецот е уапсен.

„Полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б.Д.(18) од Штип, бидејќи во 12.18 часот во СВР Штип, од гимназијата во Штип, каде тој е ученик, било пријавено дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина“, велат од МВР.

Маријн Арсов вели дека ситуацијата е ставена под контрола и дека нема простор за паника. Вели дека најверојатно станува збор за невкусна шега од ученикот и преземени се сите мерки.

Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Полицијата реагираше и во претходните денови. Ученици од две основни училишта во Скопје правеа списоци, но и ученик од Тетово кој го ставил во тоалетот.