Македонските ракометари може добро да се опарат – дознаа колкави премии ги очекуваат

Ракометната македонската машка репрезентација утре со чартер лет патува за Краков, каде ќе ја мина првата фаза од Светското првенство во Полска и Шведска.

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги одреди наградите ако репрезентативците ја остварат првата цела – пласман во главната групна фаза.

Максималната премија која ракометарите можат да ја добијат е 60.000 евра, доколку групната фаза ја завршат со три победи. Две победи во групниот сегмент носат 45.000 евра, а една победа и пласман во главната рунда носат 30.000 евра.

Избраниците на Кирил Лазаров ќе играат во Краков, во група заедно со Норвешка, Холандија и Аргентина.

Македонија по осми пат игра на Светско првенство во ракомет, а досега најдобриот пласман е деветтото место во Хрватска во 2009 година. Најлошиот пласман е 23. место пред две години во Египет.