Младата докторка Ивана замина во Австрија: Во Македонија немав можност за работа во државно или специјализација

Партиските вработувања, критериумот звучно презиме и ниските плати се најчеститите мотиви за одлив на мозоци од македонското здравство.

Вратите на Европа се ширум отворени за искусни доктори и медицински сестри од Македонија, а 29 годишната докторка Ивана Димов својата професионална патека од неодамна ја започнала во Австрија како специјализант на Клиниката за психијатрија во гратчето Лиенц.

Од 2021 година па наваму таа успеала самата да се вработи најпрво во Австрискиот Црвен Крст, а потоа и како специјализант на Клиника. Во Австрија за разлика од Македонија, државната агенција за вработување самата те повикува за работа веднаш откако ќе се ослободи место, раскажува за Алфа докторката од Македонија.

Таа вели дека никогаш не би се вратила назад, а како причини ги набројува ка тастрофалните услови и примања кои нашата земја им ги нуди на здравствените работници.

„На државните специјализации влегоа само звучни презимиња, или по фамилијарна линија нели цело стебло на доктори или партиски.

Никогаш јас не бев ниту во можност да аплицирам за некоја државна работа, додека тука на двете места сами ме повика“, вели Ивана Димов за Алфа ТВ. која е на специјализација на Клиника за психијатрија во Австрија.

Димов е веќе адаптирана и добро прифатена од австриското општество, задоволна е од животот таму.

Младата докторката ја воочува огромната разлика за живот и професионална надградување меѓу нашата замја и Европа и токму тоа е главната причина зашто никогаш не би се вратила назад.