Многу Македонци може да останат без своите автомобили на бугарски табли – рокот им истекува до крајот на месецот

Оние кои имаат возила со бугарски регистарски таблички може да останат без своите автомобили ако до 31 јануари не платат давачки за увоз.

Сепак според сопствениците сумата што им се бара за царинење е мошне висока и како што велат, неисплатлива, затоа што таа ќе ги чини речиси колку што го купиле автомобилот.

Како што ни објасни нашиот соговорник од Кочани, Царинската управа неколку пати усно и писмено го предупредила да плати давачки за возилото и дека во спротивно тоа нема да може да излезе од државата со него.

А доколку не го стори тоа повеќе нема да може да го регистрира во земјава и да добие македонски таблички.

Со ваков или сличен проблем се соочуваат многумина наши сограѓани кои благодарение на бугарските документи кои ги поседуваат, можеа со години во земјава да возат автомобили со бугарски таблички.

За потсетување, Владата во 2020 година донесе закон по итна постапка со кој давачките за овие возила беа намалени за 50 проценти и кој имаше важност од само шест месеци.

Царинската управа информира дека во времетраење на примената на Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблички, од 11.01.2021 до 21.06.2021 година, вкупно се оцаринети 4.596 возила, од кои 3.265 се со бугарски таблички.

Вкупно се наплатени 400 милиони денари како увозни давачки за возилата со странски регистарски таблички. Нема податок колку вкупно возила треба да се царинат.

Оттаму потенцираат дека по завршување на законски определениот рок возилото треба или да го напушти царинското подрачје или при увозот лицето да го оцарини возилото, со плаќање на предвидените увозни давачки.

Странските возила можат најмалку 6 месеци да престојуваат на територијата на нашата земја, а во тој временски период да не плаќаат никакви давачки кон државата, освен патарина.