Познато колку пари беа потребни изминатиот месец за едно македонско семејство да преживее

Инфлацијата си го зема данокот. Две минимални плати доволни само за храна и пијалоци. 49.384 денари му биле потребни минатиот месец на едно четиричлено семејство само за да ги покрие минималните трошоци, покажуваат податоците од Сојузот на синдикати на Македонија.

Oд каде велат дека еден функционер со неговата плата покрива три синдикални минимални кошнички, а еден работник со две и пол минимални плати не може да ја покрие потрошувачката кошничка.

Во државата сè поскапо се живее, ама Владата тоа никако да го види, децидни се и граѓаните.

Иако инфлацијата за април бележи пад од 1%, сепак таа и натаму е двоцифрена, затоа треба да се зголеми будноста, секој да презема мерки на време и институциите да функционираат, смета претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, пак е задоволен со пад од нецели два проценти во однос на март, и вели мерките дале резултати.

Инаку, замрзнатите цени ќе останат во сила до крајот на месецов, но ако е потребно, тие ќе бидат продолжени, истакна Бектеши, кој најави и креирање на нови мерки кои ќе го заштитат стандардот на најранливите категории на граѓани.