(ФОТО) И тоа дочекавме: Преку ноќ во дворот на скопска поликлиника започнале да градат дивоградба

-Обид за дивоградба среде двор на државна болница… Ова е сликата од поликлиниката Бит пазар. Се забележува дека оградата е отстранета, внатре е влезено со багер и истурен е тампон.

Според првичните информации се обидувале да изградат паркинг, но за тоа официјална дозвола немале…

Сепак, кратко траеја обидите во вчерашните доцни попладневни часови да се узурпира земјиштето, за што вчера првично објави и Канал 5, оти чуварот и надлежните веднаш се јавиле во полиција кажувајќи дека нешто чудно се случува во дворот, а брзо се приведени двајца скопјани, потврдува и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Директорот на Здравствен дом – Скопје, Виктор Исјановски, под чија надлежност се поликлиниките, за Канал 5 вели дека е неверојатно некој без никакво известување во вечерните часови кога освен дежурни служби нема многу присутни вработени и пациенти, да почне да гради нешто на државно земјиште и тоа во болница.

Луѓе кои тврдат дека се очевидци, а не сакаа да говорат пред камера, зад неа ни раскажаа дека пред да започнат градежните работи имало присутни претставници на општина Чаир кои не останале за време на сечење на оградата и носењето на тампон.

А, откако сфатиле дека некој ги пријавил во полиција, работниците го отстраниле камионот и го напуштиле место, пренесува Канал 5 Телевизија.