Штипјанецот Александар доби големо признание: Ја прави најдобрата ракија во светот

Ракијата Бараба е прогласена за најдобрата ракија во светот на меѓународен натпревар во Лондон, технологот кој ја произведува е Александар Рунчев од Штип.

International Wine and Spirits Contest – IWSC е еден од најпрестижните натпревари во светот за алкохолни пијалоци кој секоја година се одржува во Лондон.

Оценувачи се 120 експерти и инфлуенсери од светот на јаките алкохолни пијалоци, а учество оваа година земаа производители од 98 земји со преку 4100 примероци на алкохолни пијалоци.

Меѓу учесниците се најде и дестилеријата Подрум Палиќ 1896 од Србија, а еден од технолозите за производство на јаки алкохолни пијалоци во нивниот тим е и штипјанецот Александар Рунчев.

Одлуката да дојдам во Србија и да бидам дел од тимот на Подрум Палиќ 1896 беше мотивирана од проектот – комплетно реновирана, модерна дестилерија и предизвикот ми беше да работам во такви услови и на нови производи.

Прилагодувањето не беше тешко, бидејќи Суботица е мултикултурен град, со дури четири службени јазици. Подрум Палиќ 1896 има големо портфолио на производи, од нашата премиум линија „Бараба“, која вклучува ракии од грозје, крушка – вилјамовка, кајсија, слива и дуња, до вињак, џин – под брендот Синер, како и ликер од вишни и хербални ликери пелинковец – Gorshtak и амаро – Botanic Garden.“, вели Рунчев.