Ѓорѓе го оставил факултетот за математика и станал возач на камион – со сопругата Снежана сега минуваат и до 350.000 километри во година

Брачната двојка Снежана и Ѓорѓе Мандиќ, професионални камионџии од Градишка, година и пол заедно возеле камион по европските патишта и поминале 350.000 километри.

Камионот ДАФ со 480 коњски сили со приколка е нивниот втор дом, а овој млад пар ужива во секој момент од патувањето.

На екипата на агенцијата Анадолија изјавија дека бидејќи живеат, јадат и спијат во камионите, поради хигиенски причини, ги соблекуваат чевлите пред да влезат во кабината и ги оставаат на скалите.

Снежана Мандиќ (27) пораснала во семејство на возачи, а вели дека љубовта кон камионите ја чувствува уште од мала. Отпрвин не зборувала за тоа бидејќи нејзините родители не ја поддржувале.

„Меѓутоа, кога се омажив, мојот сопруг стана професионален возач и ме поддржа да положам и така двајцата тргнавме на долгите патувања“, вели Снежана.

Тие најчесто водат ноќни патувања меѓу Италија и Шпанија. Преку ден спијат, навечер заминуваат и возат наизменично 12-13 часа. Кога вози Снежана Ѓорѓе спие и обратно.

Најголемиот дел од одморот го имаат за време на викендите и најчесто овој пат го поминуваат во Барселона, Шпанија. Ги посетуваат градските плажи и го обиколуваат градот.

Во текот на летото често се на плажите, па тоа им е како мал одмор. Во изминатата година и половина, откако возат заедно, посетија многу места во Италија, Германија, Австрија и Франција.

„Прво, воодушевена сум, работата како работа не е воопшто тешка, мислам дека секоја жена може да ја работи, особено во денешно време е многу полесно да се вози камион.

Жените се способни за се и можат се и ова е нешто убаво, патуваш низ светот, заработуваш пред се и најважно ми е што ги живеам моите соништа“, изјави Снежана Мандиќ.

Со камионот е поврзан и почетокот на брачниот живот на овој необичен млад пар. Имено, нивното свадбено возило било камион. Велат дека ништо не би менувале, а желба им е во иднина да имаат свои камиони.

„Засега не ни е тешко, немаме деца, па затоа е полесно, кога ќе дојдеме дома имаме време за се, но во иднина кога ќе дојдат децата мислам дека плановите ќе треба да се сменат малку“, вели таа.Нејзиниот сопруг Ѓорѓе Мандиќ (29) вели дека добро им оди и дека работат подеднакво.

„Се запишав на Природно-математичкиот факултет математика и го оставив затоа што сакам камиони. Јас пораснав во семејство на возачи, исто така. Ме молеа да одам на факултет, но не, јас сакам камион, моето семејство е сега во камионот“, вели Ѓорѓе Мандиќ.

Тој објасни дека двајцата заедно имаат 21 час работно време. Од 21.00 до 20.00 часот имаат возење, а кога идеално ќе се поклопи, за тоа време можат да поминат 1.600 километри, што значи дека од Хрватска успеваат да стигнат до Барселона.