Брзата помош морала да интервенира во болницата во Велес: Пациент паднал од кревет и со часови немало кој да го крене

Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов беше гостин во поткастот на СДК.мк

Пред неколку дена, на 112 имале, како што велат, бизарен и чуден повик. Се јавило лице кои пријавило дека паднало и не добива никаква помош. Кога вработените во 112 го прашале каде се наоѓа за да испратат помош, лицето рекло дека е во болницата во Велес.

„Нашите оператори мислеле најпрво дека станува збор за некое недоразборањ,е оти како е можно лице кое е згрижено во болница да бара помош? Но, навистина било така. Лицето било примено во болницата, но во текот на ноќта паднал од кревет и барал помош од сестра и доктор. Никој не доаѓал два часа. Успеал да дојде до мобилниот телефон и се јавил кај нас.

Имал шипки во рацете и ‘рбетот. Кога нашите го префрлиле повикот во Брзата помош, тие биле збунети како сега да одат во болница да интервенираат. Нашите го контактирале и обезбедувањето, но тие немале соодветен клуч и не можеле да влезат. Настанала вистинска драма која траела 40 минути додека влегла Брзата помош.

Нашите мислеле дека умрел пациентот оти одредено време го немало на линија, а тој го исклучил телефонот за да ја зачува батеријата. На крај, овој бизарен случај се заврши успешно, Брзата помош спаси пациент кој падна од кревет во велешката болница“, кажува Ангелов.