(ВИДЕО) Артан Груби ја покажа Ситроен Ксарата, па кажа зошто не си купувал нов автомобил

Алфа телевизија отиде на адресата каде живее Груби и неговиот сосед Б.Л. Груби откако ја забележал камерата на Алфа, набрзо се појави и застана пред објективот.

Се обиде да ја објасни нелогичноста на своето вчерашно скандалозно интервју. Не бил комшијата бизнисмен 30 години, туку неговото семејство имало бизнис меѓу 20 и 30 години. Се правда дека се возел во Аудито на својот сосед и пријател, бидејќи не му се исплатело да има свој автомобил, кога цело време го имал службениот.

-Нема логика за политичар, министер кој што се служи со службено возило да инвестира во приватно возило во четири години, губи во вредност.

Ќе си купите возило од 10.000 евра да речеме и после четири години тоа кошта 3.000 евра. Која е логиката, економската логика, затоа што вие имате службено возило кое што го користете малтене 24 часа, изјави Груби.

Во обид да го релативизира целиот случај, разговорот со Груби се претвори муабет за автомобили. Вели аудито на комшијата не единственото кое го имал, се пофали дека возел уште четири автомобили од марката Ауди, има и Ситроен Ксара, а имал и Голф тројка и Сузуки Марути.

А автомобилот, што го позајмувал од комшијата и не бил толку скапо како што пишувале медиумите.

Сакајќи да се престави како скромен политичар, човекот кој сменил речиси 10-тина автомобили, на свое име сега ја имал само Ксарата, стара 22 години, но и таа не ја вози тој, туку неговиот татко.

-Тука живее татко ми, кој што во моментов го користи Ситроенот. Ова е Ксарата да, всушност е на мое, ама татко ми ја вози, но татко ми ја вози за негови потреби. (Значи ова е едниственото возило кое првиот вицепремиер Артан Груби го има пријавено во својот анкетен лист, Ситроен Ксара, која што е вредна според она што го пишува во анкетниот лист 1.000 евра). Претпоставувам, не знам колку може да кошта, вели Груби.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Алфа ТВ.