(ВИДЕО) Бобан од Кочани иако има 22 години веќе е мајстор на својот занает: Со голема љубов и посветеност изработува изворни музички инструменти

Кога станува збор за занимавање со некој занает во Македонија, младите баш и како да не се многу заинтересирани.

Но, секогаш постојат исклучоци – млади надежни луѓе кои ја продолжуваат традицијата и не само што свират на инструменти, туку и ги изработуваат.

Еден од нив е Бобан Анакиев од Кочани кој уште од мал се насочил кон македонскиот фолклор и покрај настапи со фолклорниот ансамбл се пронашол и во изработувањето на инструменти.

– Како мал започнав да одам во КУД во Кочани, првин во фолклорниот ансамбл Мугри кој работи во склоп со ЦК „Бели Мугри“ и таму имаше постари изведувачи на народни инструменти, а некои од нив се бавеа со изработка.

Прво почнав да свирам на сворче, подоцна на кавал, кемане, па тамбура и на крај гајда. Добив желба да изработам кемане бидејќи најдов некои материјали, но со помош.

Подоцна добив поголема желба за да направам професионален инструмент за да можам да свирам на него. Купив и некои машини со кои работам и денес. Изработувам тамбури, гајди, сворчиња, имам изработено и бузуки и примови.

Моментално има голем интерес за купување и свирење на вакви инструменти најмногу во фолклорните ансамбли, во музичките училишта во цела Македонија.

Најомилен фестивал ми е фестивалот на Пеце Атанасовски во Прилеп на кој добив и награда – гајдата на Пеце Атанасовски, вели Бобан за Радио Кочани.

Омилени инструменти му се кемането и гајдата бидејќи највеќе се свират во кочанскиот крај.