Војната меѓу Израел и Хамас може да се прелее на улиците на Европа

Владите ширум Европа соопштија дека ја зајакнале безбедноста додека еврејските групи предупредуваа дека ненадејните напади на Хамас доведоа до пораст на антисемитската реторика на интернет.

Во Франција, министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин ги повика регионалните власти ширум земјата итно да воспостават зголемени безбедносни мерки во синагогите и еврејските училишта, пишува Гардијан.

„Во време кога терористичките напади од Газа го погодуваат Израел, ве молам веднаш да ја зголемите будноста, безбедноста и заштитата на еврејската заедница во Франција“, напиша тој во пораката што ја објаи АФП.

Дарманин повика и на распоредување специјални сили кои патролираат по улиците и ги штитат клучните локации, со цел да се создаде „видливо и систематско“ безбедносно присуство.

Ненадејните напади вознемирија многумина во француската еврејска заедница, рече Самуел Лехоје од Унијата на еврејски студенти од Франција.

„Се разбудивме со чувство на страв. Се потсетивме на кревкоста што ја заборавивме. Тоа е чувство слично на она што го почувствувавме во моментот на 11 септември или (нападот) на Батаклан“, изјави тој за „Фигаро“.

Неговата загриженост ја изрази и Советот на француските еврејски институции.

„Бевме многу шокирани и загрижени поради овој излив на насилство“, изјави за АФП Пјер Хас од Советот. Тој додаде дека Советот е претпазлив и за „можноста конфликтот да се внесе во Франција“.

Во Германија, полицијата во Берлин објави на социјалните мрежи дека е предупредена за „луѓето кои ги слават нападите врз Израел со делење печена храна“ долж главната авенија. Набргу потоа, канцеларот Олаф Шолц нагласи дека владата „нема да прифати грозоморните напади врз Израел да се слават на улиците“.

Централниот совет на Евреите во Германија соопшти дека се во близок контакт со властите и дека се засилени полициските мерки во еврејските институции ширум земјата. Во Лондон, полицијата објави дека ги засилила патролите во делови од градот поради „многубројните инциденти, вклучително и оние објавени на социјалните мрежи, поврзани со тековниот конфликт во Израел и (на) границата со Газа.

Тие тврдат дека проширените патроли имале за цел да обезбедат „видливо присуство и безбедност во заедницата“. Полициски извори во Шпанија потврдија за весникот Ла Разон дека Министерството за внатрешни работи вовело „неопходни мерки“ за заштита на еврејската заедница во земјата.

Во Италија, Министерството за внатрешни работи соопшти дека наредило зголемен надзор низ целата земја, според весникот „Кориере дела сера“. Засилените безбедносни мерки дојдоа откако Лигата против клеветата соопшти дека забележала пораст на повиците за насилство врз Евреите, Израелците и ционистите по нападите на Хамас.

„Нашите податоци покажуваат дека екстремистите се охрабрени од нападот на Хамас и ја засилија својата насилна реторика, објавувајќи пораки со омраза и повикувајќи на натамошна агресија против Израел и неговите поддржувачи“, се вели на нивната веб-страница.

Во последниве години, институциите и невладините организации предупредуваа дека антисемитизмот е во пораст во Европа и ги повикаа властите да направат повеќе за да го запрат овој тренд.