Дилеми повеќе нема: Министерот Шаќири го кажа конечниот став за полагање државна матура

Веќе трета недела е во штрајк синдикатот на ДИЦ, со што се доведува во прашање полагањето на државната матура. Датумите се 27 мај и 10 јуни. Од државната матура зависат уписите на матурантите на факултетите во земјава и во странство.

Вчера од ДИЦ на прес конфренциија соопштија дека на состанокот со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не се договориле во врска со нивните барања за покачувања на платите и остануваат во штрајк. Според синдикатот, воопшто не е изводливо дека првиот испит ќе се полага на 27 мај.

Државна матура ќе мора да се полага на 27 мај, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, при денешната посета на Кавадарци.
Тој вели дека за тоа се прават сите подготовки.

Одржувањето на испитите се доведува во прашање поради штрајкот на Државниот испитен центар (ДИЦ), институција надлежна за спроведување на државни тестирања.

„Од почетокот на штрајкот, мојот став е тој, дека не можеме секогаш да ги поврзуваме важните процеси, со некои барања. Тие да, ги поддржувам барањата, но пак мојот конечен став, е, дека државната матура ќе се полага на 27, кога што е предвидено според рокот“, рече министерот.

Тој повтори дека ако е потребно ќе испратат кадар од Министерството во ДИЦ да помогне да се завршат работните задачи.