На Тодор во Велес му починала сопругата, па синот: Сега стравува за сопствениот живот и моли за едно нешто

Тодор Манев е 81 годишен човек кој е роден и пораснат во Велес, во голема и среќна фамилија. Имал убав и стабилен живот со сопругата од која му се раѓаат син и ќерка. Жена му често била болна и за жал ја губи пред десет години.

Но, најголема тага во животот која никој не може да ја избрише е прераната смрт на неговиот син кој пред четири години, токму на денот на својот роденден умира и го остава дедо Тоше сам. Ќерката му е мажена и често знае да го посети, но, воглавно овој сега тажен и осамен човек е сам во текот на денот. Има многу дијагнози кои доаѓаат со годините.

Па минималната пензија, откако ќе ја земе ја распределува за сметки и многу лекови, а потоа од останатите, се труди во текот на месецот да купи храна. Не сака да се задолжува, но куќата стара повеќе од 120 години веќе од сите страни попушта, па доколку не се направи кровот во најбрзо време се заканува опасност не само на овој човек, туку и на соседите да им паднат куќите.

Тодор Манев е роден во Велес, во семејство од тројца браќа. Биле толку голема фамилија ќе каже тој, што можеле да наполнат и една населба. Имал убав и среќен живот со сопругата, со која раѓаат две прекрасни деца, син и ќерка. За жал, по смртта на неговите родители, несреќи започнуваат во нивниот дом, па по смртта на неговата сопруга во 2013 година, душата ќе му ја искине болката поради смртта на неговиот син.

Денес, освен со телевизорот, друштво понекогаш му прави ќерката која доаѓа кога може, и ретко внукот од синот кој живее во Скопје.

-Можам да кажам дека имам убави спомени од младоста. Бевме големо семејство и можевме од луѓе да исплниме една населба. Роден сум и пораснат во оваа куќа во Којник, каде основав и семејство. Работев и бев ценет во младоста и подоцна. Сопругата ми беше многу болежлива и во 2013 година засекогаш ме напушти, а, децата секогаш беа покрај мене и ми беа единствена радост со внуците.

Но, еден ден синот кој исто живееше во оваа куќа, без да ми каже дека е болен ми се јави и ми рече тато викни брза помош. За два дена, баш на денот на неговиот роденден почина. Криел од мене дека има рак на желудникот. Таа болка ми ја искина душата. Снаат со внукот си зминаа во Скопје. Се што ми остана е ќерката и внуците од неа кој ме посетуваат и ми се единствена радост во животот- вели дедо Тоше.

Дедо Тоше пие цела палета лекови. Од минималната пензија тој најпрво подмирува сметки, па со остатокот купува лекови и храна. Има чести болки и не може сам да оди ниту 200 метри. Сепак, најголемата болка му е стариот кров кој пропушта вода дури и внатре и се заканува дека ќе му ја сруши не само неговата, туку и куќите на соседите кои се залепени со неговата.

-Имам 80 години и многу дијагнози. Пијам многу лекови. Па, прво од пензијата што правам одвојувам дел за сметки, дел за лекарства, со остатокот 3000-4000 денари го поминувам месецот. И, така со години.

А, имам болки, треба да одам на рехабилитација во бања, ама немам средства. А, мислам дека ќе ми дојде добро малку вежби и грижа во бањата. Сепак, најголема болка ми е кровот, кој секоја година го прередувам, но, веќе дојде до фаза да мора да се менува зашто ќе ме поклопи со се куќата. Многу се појави и влага, а немам средства да го поправам сам, да викнам мајстор- вели дедо Тоше за Срце на дланка.

Доколку сакате да му помогнете на Тодор Манев тоа може да го напрабите на неговата трансакциска сметка 210501604105733 или на неговиот телефонски број 071996307.