Ново продолжение од сагата за крстот на Попова Шапка: Немам ниту донесено, ниту потпишано документ за отстранување

Немам ниту донесено, ниту потпишано документ за отстранување на крстот на Шапка, вели секретарот на Општина Тетово, Дарко Коцевски.

Тој упати отворено писмо до јавноста со цел да ги оспори тврдењата на политичките партии кои го споменуваат на своите прес-конференции во врска со издавањето на решение за отстранување на крстот од црковниот имот на Попова Шапка. Коцевски потенцира дека како административен службеник на Општината ниту донел одлука ниту пак потпишал документ околу крстот, наведувајќи дека нема такви овластувања, и дека тоа го направила друга општинска служба.

„Се чувствувам должен да се обратам на јавноста и да реагирам по повод безобразните лаги и дезинформации кои овие денови недобронамерници преку прес конференции и портали, свесно ги шират против мене, а се со цел да ме инволвираат во своите нечисти политички интриги, со цел предизвикување на меѓуверски и политички тензии.

Сакам да потенцирам дека како секретар на Општина Тетово, немам ниту донесено ниту потпишано какво било решение за отстранување на крстот во дворот на манастирот на Попова Шапка.

Воедно сакам да разјаснам, дека јас како секретар на општината ниту имам овластувања ниту ингеренции да донесам такви управни акти согласно Законот за инспекциски надзор, туку овластените градежни инспектори се самостојни во своето постапување“, рече тој.