Петти ден делови од Чаир се без струја, граѓаните смрзнуваа, а ЕВН вели: Некој ја краде

Петти ден без струја на минусни температури. Вака реагираат жителите од улица „Менделеева“ и „Ордан Чопела“ во Чаир, односно 37 домаќинства кои редовно ги плаќаат сметките за струја.

Граѓаните, кои како што велат, плаќаат струја за услуги кои не ги добиваат, тврдат дека овој проблем се провлекува години наназад-независно дали се екстремно ниски температури или не, но сепак по неколкучасовен прекин струја повторно добивале.

Проблем со струјата имале и на 20 декември, како и вечерта на 31 декември. Од петокот во континуитет овие граѓани немаат струја. Меѓу нив има болни и неподвижни лица, деца, возразни.

„Во саботата кога се разбудив имаше само една фаза. Корисник сум на грејни тела кои се исклучиво на струја (парно, помошник конвектор, а синот е корисник на печка на пелети).

Во саботата видов дека дојдоа екипи на ЕВН, работеа и поставија некој кабел. Откако го поставија кабелот, ниту еднаш, освен ноќеска, бидејќи јас сум иселена од тука веќе неколку дена, трофазна струја нема. Се преместуваат кабли за рутер, за телевизор, за фрижидер, кој како ќе се снајде.“ – вели Јулијана Маџовска.

Дел од овие жители вчера биле во ЕВН да разговараат за да се најде соодветно решение за проблемот. Тврдат дека конкретен одговор и решение не добиле.

„Се сретнавме со директорот и ни раскажа дека некој краде струја. Рече дека саатите треба надвор да се стават за да се реши проблемот. Пред некое време, саатите не биле навор и немало проблем со струја-сега е проблем. Директорот рече дека ние треба да зборуваме со комшиите, дали прифаќаат да се извадат саатите надвор.

Ние немаме таква надлежност да одиме по куќи. Без да се извадат саатите нема да се реши проблемот. Не добивме конкретен одговор за да се реши проблемот ние пак останавме без струја. Рекоа дека ќе дојдат денеска сабајле да прашаатд али прфатиле комшиите да ги извадат саатите биле сабајле биле тука 10 минути и си отишле, решение нема, струја немаме. Нека лоцираат кој краде струја. – вели Мухамед Алими.

Граѓаните реагираат дека последниве неколку дена, нивното секојдневие се сведува како да живеат во 5 век.

„Ние, фала Богу имаме камин и на тој начин се грееме. Брат ми, татко ми, децата се собираме и заедно седиме кај мене во салонот. Другите соби се ладни. Преку ден не е голем проблем, но преку ноќ кога треба да се делеме по соби е ладно. Навечер сме на свеќи, како да е 5 век. Татко ми е болен и е неподвижен.“ – вели Нусрет Џафери.

Од ЕВН, за ТВ 24 велат дека нивните екипи се на терен и подготвени се да го започнат проектот за реконструкција.

– Дефектите на ул. „Менделеева“ и „Ордан Чопела“ во Чаир се резултат на преоптоварување на мрежата поради неовластено и неконтролирано трошење на електрична енергија од страна на корисниците. За да не се повторат овие дефекти, потребно е целосно да се реконструира и модернизира мрежата на овие локации, за што на вчерашниот состанок беа информирани претставниците на овие две улици. Екипите се подготвени да го започнат проектот за реконструкција, но од страна на ул. „Менделеева“ и „Ордан Чопела“ компанијата доби информација дека жителите одбиваат да се започне проектот. – велат од ЕВН за ТВ 24.