Почина славниот Македонецот кој со години беше неразделив со Тома Здравковиќ

Вечерва пристигна жална вест која вели дека почина познатиот хуморист, сатиричар и имитатор Војче Китановски (68). Негови колеги и пријатели се збогуваат со него на социјалните мрежи, и се уште нема официјални податоци околу тоа што се случило.

Сепак, како што за ,,Фокус” изјави неговата пријателка фолк пејачката Вики Среброва, од она кое засега го знаат е дека денеска полиција отворила во неговиот дом и го пронашле безживотното тело.

Како што вели, најверојатно причината за смртта е инфаркт, и не се знае дали Китановски починал во петокот или во саботата.

Од 1985 до 1991 година соработувал со легендарниот српски пејач Тома Здравковиќ и гостувал на стотици негови концерти на просторите на некогашна Југославија. По игра на случајноста, во 1983 година во Штип, менаџерот на Мики Јевремовиќ го ангажирал да гостува на сите десетина концерти на познатиот пејач во Македонија, што за него била голема отскочна штица.

Подоцна Мики го ангажирал да го придружува и на концерти низ поранешна Југославија и на некој од нив го забележал менаџерот на Тома Здравковиќ.

– Тома Здравковиќ беше исклучителен човек, добар, неповторлив, единствен… Се разбира не беше совршен, како што не е никој од нас. Неговите песни за него беа смислата на животот и концертите на кои ги пееше. Беше магнет за жени, со шест промашени брака зад себе, но и магнет за пороци. Живееше брзо и бурно, па во една пригода неговиот колега Мирослав Илиќ го праша: „Томо, застани малку, што ќе правиш кога ќе остариш? “, а тој му одговори:

„Тогаш мене нема да ме има“! И затоа мислам дека филмот е убав и буди многу чувства кај гледачите, бидејќи и животот на Тома Здравковиќ беше таков. – раскажуваше Војче.