Сашо од струшко со тешки маки направил дом за семејството, а сега пожарот му го однесе: Ве молам кој колку може да ми помогне

Семејството Автароски од струшко Ливадишта преку ноќ остана без својот дом,откако силен пожар до пепел им го изгоре живеалиштето кој таткото Сашо го градел макотрпно десет години.После година и половина откако се вселиле им се случува оваа трагедија.

За среќа никој од членовите на семејството не е повреден иако пожарот избувнал некаде на полноќ додека тој бил трета смена на работа.Децата истрчале веднаш надвор и повикале пожарна, пламените јазици за неколку минути го проголтале целиот спрат од куќата а во пожарот како резултат на струен удар се повредиле тројца пожарникари.

Сашо работи како обезбедување, татко е на двe деца,едното малолетно и не е во можност сам да ја среди штетата.

„Јас бев на работа, ми се јавија децата и ми велат гориме. Јас им реков сместо да излезат надвор. Помалото дете, 13 годишниот Дејан се уште има трауми“ вели со насолзени очи Сашо.

Апелира до сите хумани граѓани и институции колку што се во можност да му помогнат да ја реновира куќата пред да дојде зимата.

„Јас со тешки маки, со кредите успеав да ја направам куќата, само што ја завршив се случи ова. Немам средства пак да направам, затоа молам да ми се помогне. Чекам извештај од МВР и со него ќе одам и кај градоначалник и каде што се треба за помош“, додава за ТВ 24.

Во меѓувреме Автароски престојуваат кај роднини и пријатели но секаква помош од добронамерници е добредојдена.Достапна е и жиро сметка на која може да се донираат финансиски средства за помош на ова семејство кое ги живее најтешките денови.