Станка од Кратово: Не сакам пари, само да застанам на свои нозе – цел град ќе го почастам од среќа

Станка Ангеловска за себе ќе каже дека била голема домаќинка и посветена сопруга и мајка додека била на нозе. Потекнува од Пробиштип, но судбината ќе сака да ја донесе и да создаде семејство во Кратово. Долги години ќе биде работоспособна и пожртвувана, се додека на работното место не се онесвести и да започне нејзиното мачно патешествие. Во меѓувреме го губи сопругот или нејзината најголема поддршка ќе каже таа, па во борба за застанувањето на нозе поминува пет операции кои за жал нема да и ја подобрат ситуацијата. Повеќе од осум години не станала од кревет.

За неа се грижат волонтери неколку пати во неделата. И, иако зема инвалидска пензија оваа храбра жена ќе рече: „ Не сакам такви приходи. Сакам да станам на нозе и ако не можам да работам, барем сопствените потреби сама да си ги извршувам„. Во нашава земја за жал до сега никој не се ангажирал да го разгледа здравствениот проблем на тетка Станка. Таа иако одела секаде вели дека трауматолозите ја испраќаат кај неврохирурзите, а тие пак назад кај трауматолозите. Затоа, одлучи да собере сила и да се обрати јавно, со надеж дека некое здравствено лице ќе го види нејзиниот проблем и земе во свои раце, а ако и тоа не успее барем да собере средствата и спасот да го побара надвор од границите на нашата земја-ќе каже таа.

Станка Ангеловска во 1985 година од Пробиштип доаѓа во Кратово, каде долги години ќе работи и ќе се грижи за сопругот и семејството. Се ќе се одвива добро се до моментот кога ќе почне да го губи здравјето, па неден ден додека е на работа на терен не се онесвести, па случајни минувачи ќе ја пронајдат онесвестена. Оттогаш минуваат многу години, но, проблемите на Станка се наталожуваат. Оди на терапии, оди кај стручни лица но, состојбата и станува се потешка и потешка. Се до моментот кога пред осум години не ја изгуби сосема способноста да се движи и да остане закована за постела.

-Еве во ваква состојба сум со години. Од способна и цврста жена, легнав во постела и не станав. Многу ми е тешко. Работев и бев многу вредна. Имавме убав фамилијарен живот. Го изгубив сопругот и тоа беше стрес за мене, но, еден ден на работното место паднав и оттогаш не видов ништо убаво. Поминав пет операции и пак сум во оваа состојба- вели Станка.

Тешко е секојдневието на тетка Станка, зависна од волонтери кои и пазарат и купуваат храна со малата инвалидска пензија за која ќе каже таа дека не и треба, само да застане на нозе. Тука додава таа не се нафаќаат да ја оперираат и помогнат, па единствен излез и надеж и е странство, каде некој доктор би се нафатил да ја оперира и да и помогне барем за свои потреби со помагало да може да се грижи за себе. Да може тоа да се оствари ќе заврши таа, мислам дека цело Кратово би го почестила од благодарност доколку некој ми ја докаже својата хуманост.

-Не сакам пари, не сакам богатство, сакам само да застанам на свои нозе и да бидам како сите нормални луѓе, со нозе и самостојна. Тоа да ми се исполни мислам дека цел град ќе го почастам од среќа-завршува таа за „Срце на дланка“.

Има една вистина за силните луѓе. Таа се состои во нивната сила преку ден, но и во солзите навечер кога никој не ги гледа. Оваа жена е силна. Сила е со години да не станеш од постела, а сепак да ги зачуваш разумот нормален и сеуште да се надеваш дека ќе живееш како некогаш. Затоа, апел до секој кој на било каков начин би можел да и помогне да го освари својот најголем сон: Да застане на нозе како некогаш и да го слави животот!

Доколку сакате да и помогнете на Станка Ангелова тоа може да го направите на нејзиниот телефонски број 075416372 или на нејзината трансакциска сметка 200001794122274