Ученици од скопското стручно училиште „Димитар Влахов” ќе бидат дел од модниот викенд

Ученици од скопското стручно училиште „Димитар Влахов” ќе бидат дел од модниот викенд во Ист Гејт Мол

По повод одржувањето на Модниот викенд Фешан Викенд Скопје, кој оваа година од 9 – ти до 11 – ти март по 26 – ти пат ќе се случува во Метрополaта, млади сили од Средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов„ ќе дадат придонес во целиот настан.

Тие за првпат преку изработка на фризури на модели, ќе работат на моден настан од ваков тип покажувајќи ги на тој начин своите знаења, вештини и компетенции кои ги стекнале во рамките на стручно теоретските предмети и практичната настава.

Мотото на овогодинешниот FWSK е “Јазикот на етиката и дизајнот”, а, локацијата сите три дена ќе биде Ист Гејт Мол.

Модниот викенд годинава ќе направи спој на возбудата и гламурот, а возбудени учениците од Средното училиште на град Скопје „Димитар Влахов” ќе го дадат најдоброто од себе за да ја оправдаат гламурозноста на настанот со фризури и креации на коса, кои одговараат на темата на ивентот.

Со оглед дека настанот ќе го следат водечките македонски медиуми и гости од светот на модата и дизајнот од дома и странство, модниот викенд ќе биде одличен предизвик за учениците од ова училиште да го покажат својот квалитет и да го покажат значењето на стручното образование.