Купил повратен билет со Визер, но не му дале да полета од Скопје – изговорот повеќе од бизерен
Како што е познато нискобуџетната авиокомпанија Визер е најголемиот авиопревозник од и до нашата држава, а цената на билетите се доста прифатливи.
Но еден наш патник се соочил и со тоа какво не пријатно искуство, кое реши да го сподели со јавноста.
Имено патник од Скопје во саботата бил вратен од Меѓународниот аеродром „Скопје“ со објаснување дека авионот за Париз е полн иако имал купено два повратни билета од „Визер“.
Откога аеродромската служба му кажала дека авионот е полн, тој побарал објаснување и тука, како што вели, почнала вистинска голгота низ која минал на аеродромот.
„По давањето на пасошите, во рок од една минута нè известија дека нема место на летот, дека сите места се зафатени и дрско ни рекоа дека денес нема да летаме за Париз.
Кога прашавме како е тоа возможно кога имаме два билета, службеникот се јави некаде и по долга консултација со некого, рече дека проблем е второто име, не се поклопува со пасошот.
Билетот беше за флексибилен партнер, опција што ‘Визер’ ја дозволува, но не беше дозволено онлајн да се впише името и кажав дека веднаш тука на шалтер ќе го впишеме.
Ми рече дека треба да платам 6.100 денари за да се впише името на вториот патник, на што се согласив бидејќи се ближеше времето за полетување, но тој ја смени цената на 8.500 денари, па потоа на 14.000 денари и цело време телефонски се консултира со него. Во еден момент ни рече да чекаме ако некој не дојде на летот, да влеземе на негово место. Чекавме 20 минути пред да сфатиме дека сме изиграни“, се пожали патникот во разговор за Макфакс.
Побарале помош од аеродромското обезбедување за кои велат дека се обиделе да ги смират, но не можеле да помогнат. Се обиделе на друг шалтер да побараат решение на проблемот, но аеродромската служба повикала полиција.
Патникот вели дека билетите ги купил два месеца порано и долго го планирал патувањето. Платил хотел и билети за фудбалскиот натпревар „ПСЖ – Ремс“. Поради летот, му пропаднале речиси 800 евра и најавува дека со тужба ќе бара обесштетување.
Сторијата во целост може да ја проследите на Макфакс.