(ВИДЕО) Дедо Тоде живее на улица во Скопје, а спие во гаража со кучиња и гулаби – државата не му дава помош од банални причини

Животот често знае да си поигра со луѓето. Па така судбината си поигрува и со 65 годишниот Тоде Јовановски од Ранковце.

Во последниве 20 години засолниште преку цела година му е една трошна гаража во скопски Аеродром. Без струја, вода, топлина, но и чувство на сигурност, овој човек е приказ на една тажна судбина.

– Овде спијам, ова ми е кревет ова ми е се што имам. Јас од државата имам кренато раце. Немам никаква помош од државата.

– Никој не ме ни посетува, немам никаква поддршка, сам сум со кучињата и голубите кој се мој пријатели, во оваа просторија се бањам.

И зиме и лете, Тоде собира отпад и го препродава за да заработи за леб, а некогаш и хумани луѓе му помагаат со храна и облека.

– Заработувам колку можам, вадам бакар или алуминиум, што ќе најдам по контејнерите и потоа го носам во отпад, вели Тоде за ,,Сител” телевизија.

Социјална помош не добива, бидејќи му кажале дека нема право на неа, бидејќи имал нива на негово име која ја делел со неговите браќа и сестри. Животот на улица по дефиниција е суров, а Тоде вели е благодарен е и за тоа што го има.

– Доколку може некој да ми помогне би му бил многу благодарен, јас се снаоѓам како знам и умеам, додава овој храбар човек.

Според Тоде животните имаат повеќе разбирање од луѓето, па до гаражата која му е дом, чува и храни неколку кучиња, а вели и гулабите му прават друштво во денови кога никој не поминува покрај неговата гаража.

– Доаѓаат по десетина кучиња овде, нив ги чувам, ги хранам колку имам, тие ме будат наутро и ме чуваат, со еден збор ми се другари.

Поради семејни проблеми, Тоде останува на улица уште пред две децении, но недостасува чувството на топлина и сигурност во овие ладни пред празнични денови.

Тоде по природа е весел и оптимистичен човек и смета дека на крајот се ќе биде добро, бидејќи ако не е добро, тогаш не е крај.