Валентина од светиниколск: Болна сум, но немам пари за лечење, секој ден плачам, бар за децата една соба ако може некој да направи

Можеби на овој свет најтежок е животот на сираците кои никогаш не ја чувствуваат подршката и топлината од некој родител. За жал таква судбина имала и Валентина Анѓеловски од Драч, која уште многу мала го губи татка си и целата грижа околу неа и брат и била врз мајка и која некако ги вади на прав пат. За да си побара среќата пред десет години таа се сели во Македонија во село Хаџиматово, каде се надева на макар поголеми удобства од оние кои ги имала во мајкиниот дом.

Од денешна перспектива ќе рече, да знаев дека вака ќе живеам никогаш немаше да се омажам. До лани на нејзини раце биле и свекорот и свекрвата кои ги гледала во постела. Но, денес во живот ја одржуваат само четирите дечиња, нејзините среќи за кои единствено живее-кажува таа.

Жал и е што нема моќ со скромната плата од сопругот да направи нешто во куќата од која веќе, и децата како потпораснуваат почнуваат да се срамат. Немаат каде да викнат другарчиња, немаат каде да спијат. Некогаш немаат ниту доволно храна, а Валентина пере на раце сиот живот, иако е болна и мора да оди на лечење во најбрзо време. И, децата иако мали ќе кажат сакаме убави облека, убава соба и храна како во фрижидерите на нашите другарчиња. Толку малку треба за среќа. А, тоа малку зависи од хуманоста на сите нас.

Ако направи споредба со минатото и денес, Валентина можеби никогаш нема да ја донесе одлуката која ја донела пред 10 години. Да го напушти родното место, мајката и братот и да дојде во светиниколско Хаџиматово, каде верувала дека макар за нијанса ќе има поудобен живот кога ќе основа семејство. Сепак, иако нејзиниот сопруг се труди и работи, парите не стигнуваат само за сметки и храна, па куќата уште од времето на нивните предци е во неизменета, а можеби и во уште полоша состојба. Болна сум и не знам до кога ќе живеам, а немам никому кажано за мојата болест –ќе рече таа.

Децата веќе почнуваат да се дружат со другарчиња и гледаат како живеат тие, ги гледаат нивните детски соби, облека, играчки, полни фрижидери. За жал на нив и на Валентина им преостанува само да си легнат во полураспаднатиот дом и да заспијат со мечти дека некогаш така ќе живеат и тие.

-Останав сираче од мала- ќе ја започне својата тешка судбина Валентина од Драч. Многу е тешко да растеш без таткова грижа и љубов. Мајка ми колку можеше се трудеше и еден ден братучетка ми ме запозна со сопругот и дојдов во Македонија. Сепак, надежта што ја имав не ми се исполни. Да знаев дека ваков живот ќе живеам немаше никогаш да дојдам во Хаџиматово-додава таа. Имам четири деца и живеам само за нив.

А, болна сум и никој не знае со каква болка се соочувам и дека немам пари за да заминам на лекување. Моите во Албанија пред неколку години ги погоди земјотресот и им ја сруши куќата, па денес живеат под шатор. Уште јас им фалам да ги секирам и да им се жалам колку тешко живеам, а не сум била зашто немам пари седум години да ги видам, посетам таму-ќе додаде оваа жена.

-До лани ги пазев и негував свекорот и свекрвата во постела. Куќата е стара и немам соодветен простор за децата. Работи само сопругот, но за што попрво да ги дадеме тие заработени пари. Дали за сметки, дали за дрва, дали за храна. Со што да ја направам куќата. А, најсреќна би била да можам барем една соба за децата да напраам и тие да бидат среќни како другите деца. И да имам храна во фрижидерот зашто често ми бараат, а немам што да им дадам-додава Валентина.

Само децата ќе рече Валентина ме врзуваат тука. Се чувствувам осамено и многу ми е тешко. Секој ден плачам и утеха барам во цвеќињата кои единствено ме исполнуваат. Но, и единствена шанса ми е хуманиот народ кој верувам ќе ми помогне за да направам една соба за моите најмили во која нема да се чувствуваат поразлично од останатите другарчиња- ќе заврши Валентина за „Срце на дланка“.

Најлошо е кога детските мечти ќе останат неисполнети. Најлошо е кога сонот кој сме го сонувале ќе ни се претвори во кошмар. Сепак, сите наши соништа можат да станат реалност, само ако имаме храброст верно да ги следиме.

Доколку сакате да помогнете на семејството на Валентина тоа можете да го направите на нејзниот телефонскиот број 075443015 или на нејзината трансакциска сметка 210-5017277895.60 НЛБ Банка.