Големиот пријател на Перо Антиќ одново се сретна со Владимир Путин

Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик, кој е на листата на санкции на САД и Велика Британија, на 21 февруари се сретна со претседателот на Русија Владимир Путин во Република Татарстан, која е дел од Руската Федерација, јавува Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).

Како што е соопштено од јавниот сервис, Додик му рекол на Путин дека Република Српска одбива да се приклучи на западните санкции против Русија и оти не сака да влезе во НАТО.

„Ги потврдуваме добрите односи што Република Српска ги има и ги негува кон руската држава и кон вас. Она што го правиме во сегашните околности е дека отфрламе секаква можност за приклучување на западните санкции против Русија“, рекол Додик.

Новинската агенција Срна пренесува дека Путин рекол оти посетата на Додик ќе биде „корисна“, и дека му е благодарен што одржува редовни контакти.

Како што е познато Милорад Додик му е голем пријател на македонскиот кошаркар Перо Антиќ.