Нова апсурдност: Насилно дошле и го запреле обидот да се направи пристап од болницата во Тетово до булеварот

Директорот на Клиничка болница Тетово Илир Демири на прес-конфернција побара државните институции да обезбедат услови неговата установа да може да го обележи и огради имотот затоа што, според него, неодамна биле спречени од поединец кој приватизирал дел од земјиштето.

Демири вели дека проблем има и поради тоа што во приватизираниот дел од дворот спаѓа и дел од местото каде се наоѓаат резервоари за нафта.

-Во минатото од страна на бивш градоначалник е приватизирано 87 или 97 квадратни метри и четири квадрати од резервоарите за нафта кои се во владение и користење над 50 години од Клиничка болница Тетово.

Не е проблем како е приватизирано и на кој начин. За тоа ќе се занимаваат органите на правдата и обвинителството. Јас сакам граѓаните на Тетово да ги информирам дека има тенденција и истите луѓе сакаат да го приватизираат овој дел што го гледате тука и да го оневозможат пристапот на Клиничка болница Тетово на булеварот „Благоја Тоска“, истакна Демири.

Директорот на Клиничка болница образложи дека проблемот се јавил кога работници сакале да го оградат местото.

-Ние имаме решение од општина, од актуелната власт за да направиме ѕид. Излеговме да градиме, да ограничиме до каде е наша сопственост, тие дојдоа и со насилство ја попречија оваа работа.

Правно е реагирано, поднесени се жалби, информирани се и во полиција и во сабота да сме живи и здрави, ќе се стави темел и ќе се прави ограда. Со резервоарот ќе остане правдата да реши. Тоа е сопственост на Република Македонија во користење на Клиничка болница Тетово, истакна Демири.