Дедо Блажо од скопско: Уште само десет дена да живеам, ама да живеам како човек

Блажо Мацкин е најстариот жител во селото Љубанци. Успеал со своите 98 години да спои два века. Но, не успеал како човек да живее ниту една година од сите. Сиот живот ги минал во родното село, каде се оженил и пред повеќе од 60 години создал семејство. Денес има син и ќерка кои имаат свои семејства.

Сопругата му починала пред осум години и оттогаш речиси и да не живее. „Знам дека сум стар. Слушам умираат млади а, јас сеуште сум жив. Но, зарем душа излегува со сила„- ќе каже дедо Блажо. Животот вели тој го минал со работа, со мотика и секира за да заработи за леб. Направил и куќа, но за жал поради недоразбирање со најблиските, како што кажува тој, морал да се пресели во плевната и тука на еден железен кревет, стар шпорет на дрва и превриениот чај кој го пие и во лето и зима да го исчекува крајот на својот живот.

Откако умрела сопругата не е испран, избањат и јадено како човек. Дури знае да каже дека стоката живее подобро од него. Електирчни апарати речиси и да не знае како изгледаат и се користат, иако најмногу би се радувал на некое радио или мало телевизорче. Ако не му донесе некоја сосетка храна ќе го заборави нејзиниот вкус, па ќе заврши: „Макар уште десет дена да живеам, ама да ги проживеам како човек„.

Блажо Мацкин е роден далечната 1926 година во селото Љубанци. Таму го поминал целиот живот во тешки и сиромашни услови. Најубавиот период можеби му бил кога живеел во планина со жената и чувал стока. Барем имал друштва и чувајќи стока имал и за живот. Сепак и како физички работник како млад успеал да изгради куќа за децата, за денес откако починала сопругата, тој да живее во лоши услови.

Не избањат, не испран, не нахранет како човек ќе рече: Ниту знам колку ми е пензија, ниту имам за трошење. Ми даваат само колку да не умрам од глас. Јадам само салама и леб, и пијам чај за да не се задавам додека голтам. Овој човек ќе рече и дека нема помош од најблиските и тоа му е најголема мака.

-Роден сум минатиот век. Во ова село го поминав животот. Се оженив, ми се родија две деца. Ама, исто како да ги немам. Ниту ме гледаат, ниту се грижи некој за мене. Пензијата јас не ја земам и само ќе ми фрлат ко на куче 1000-2000 денари колку да не умрам за леб во месецот. Не сум испран и избањат со години. Се чувствувам лошо-вели дедо Блажо.

Иако овој човек зема минимална пензија, сепак од неа добива само дел –тврди тој. Доволно само да купи леб, салама, шеќер и чај. Осаменоста му е најтешка. Не знае што е машина за перење, не знае како изгледа телевизор…Многу одамна имал некое старо радио кое му ја радувало душата. Денес, освен железниот кревет, стариот шпорет, и плавиот леген кој го користи и за нужда и за бањање во лето нема ништо друго. И, иако има 98 години сеуште има надеж дека и уште десет дена да живее треба да живее како човек. Испран, избањат и нахранет.

-Имав едно старо радио кое ми правеше друштво да не сум сам. Веќе и тоа не работи. Јас не знам што е машина, шпорет. Не знам што е телевизор. Не знам што е топла вода и бања за да се избањам, па макар уште десет дена да проживеам, ама да живеам како човек ќе заврши дедо Блажо.

Семејството на дедо Блажо пак, во телефонско јавување рече дека дел од примањата му ги земаат за кога ќе умре да имаат со што да го погребаат.

Некоја ја сака тишиата во утрата, а некој мили гласови кои ќе му речат добро утро. За некој луксуз е автомобилот кој го вози или палатата во која живее. За друг пак луксуз е мирот и делата кои ги оставил зад себе. И, да не ги заборавиме хуманоста и човечноста е уште поубава во мрачните денови, зашто тогаш најдоброможе да видиме кој е покрај нас и кој навистина е човек.

Доколку сакате да му помогнете на дедо Блажо Мацкин тоа можете да го нарпавите преку телефонскиот контакт на неговиот сосед 071233924 или на 2105016032036.33