Иван од Штип не може да си влезе во семејниот дом – соседот им ја заградил куќата со ѕидови

Двајца браќа, Иван и Никола Тасеви од Штип веќе цел месец не можат да си влезат во сопствената куќа.

Нивниот сосед, со кого се во спор подолг период куќата им ја заградил со ѕидови.

– Проблемот е со комшијата, затворен е патот, значи јас немам никаков прилаз дома да си влезам, ни па да излезам.

Барам да дојдат надлежни да зборат пак за да можам д си влезам во куќата. Спијам само кај пријатели , кај другари спијам, на улица сум, не бива.

Кога и да сакам да разговарам со него ми вика вие со мене нема што да разговарате. Парцелата беше наша, ние си имавме шупа тука, тој откако се всели ја турна и шупата, со закани на татко ми прегради, вели Иван Тасев.

Спорот меѓу семејствата трае две децении и за сето време не успеале да дојдат до решение.

– Само ме шетат од канцеларија во канцеларија, бев и во полиција да пријавам никој не доаѓа. Барам и од надлежните, градоначалникот, да дојдат да преземат мерки за да ми се отвори пат и да си влезам.

Од Општина Штип се изјаснија дека го знаат случајот, но дека не е во надлежност на Одделението за урбанизам при Локалната самоуправа Штип. Странките кои се оштетени своето право може да го остварат по судски пат.Целиот прилог може да го погледнете на ТВ Стар.