Катерина од скопско: Не стигнува ни за да се прехраниме, децата веќе се срамат, нема каде ниту да седат и спијат

Катерина Митревска по солидното детство во село Ржаничино, на 21 година се мажи во село Мралино, во куќа во која живеат четири фамилии. Просторот во кој две децении функционира со сопругот Киро и четирите деца е едвај десет квадрати кој е место и каде се спие, и јаде, и учи. Место каде се поретко има смеа, а се почесто солзи и тага.

Можеби затоа и Кате и децата низ солзи ќе кажат дека им треба спокој и мир. Тоа им е поважно и од храната. Чиниш ова семејство би се откажало од се, само да успее да направи неколку соби за да го почувствува раатот. Во семејството работи само сопругот на Кате, со чија плата може да се поминат само неколку денови во месецот.

Пред многу години од скромните примања, ова семејство одвојувало и успеало да создаде само темели на новиот дом. Оттогаш до денес ништо не е променето. Само проблемите и солзите се зголемуваат, исто како и потребите на децата да имаат свои соби и да бидат исти како и останатите деца на нивна возраст.

Катерина детството го минала во Ржаничино, во семејство од двајца родители и тројца браќа. Иако, не живеела пребогато, сепак можеби тоа и се и најубавите спомени досега во животот. Зашто откако се мажи со Кире и доаѓа во 10-квадратната соба каде ќе роди четири деца и ќе мине две децении, нема да доживее многу убави работи.

Децата веќе растат и имаат потреба од раат и спокој. Не можат да учат во соба во која има уште пет души. Таа соба е се на ова семејство. А, веќе поради бројката им смета и на останатите станари во куќата. Тешко се живее и со една плата, па често знаат да останат само со леб. Затоа, Кате едвај чека да порасне бебето Стефан и да тргне на работа, за да може да придонесе за малку подостоинствен живот.

-Убаво живеев кај моите родители, но млада се омажив и дојдов во ова село. Сиот живот сум во оваа мала собичка. Кога бевме помалку души пак некако се живееше, ама сега шест луѓе во десет квадрати навистина е тешко- низ солзи ја започнува својата тажна животна приказна Кате од Мралино. Децата ми растат, веќе се тинејџери, сакаат спокој, раат. Како да учат на еден кревет во една соба.

А, живееме само со една плата. За што попрво?! Некогаш ни за храна немаме, пелени за бебето немав за да купам, па побарав од мајка ми да ми позајми пред некој ден 1000 денари. Алишта за децата немам, никогаш не купувам. Порано работев каде ќе слушнев, друго е со две плати, ама не стига за да се направи започнатата куќа пред 16 години-додава таа.

-Најтешко и е на сопругата. Сама со децата се грижи за се додека јас одам на работа. И, јас имав тежок живот. Од мал сум останат без мајка. Не завршив ниту школо. Од мал се вработив за да преживеам. Се оженив и имав план да направам повеќе, но, еве години години не сме мрднале од нигде никаде- додава Kире сопругот на Кате.

-На еден кревет спиеме сите заедно со мама. Моите другарчиња имаат свои соби и многу им е убаво. Тешко ми е и за мама. Постојано плаче, а јас не можам да ја гледам. Многу сакам своја соба и телефон. Ништо повеќе од тоа нема да ме направи среќна-низ солзи раскажува малата Данче, ќерката на Катерина.

Многу одамна Кате и Кире имале други планови. Само што се зеле, од скромните приходи одвојувале и направиле темел, кој никогаш не прераснал во куќата од нивните соништа. И, иако секое утро таа се буди со помислата дека веќе живее таму, реалната слика и детските солзи ја враќаат во реалноста и не и преостанува ништо друго, освен денот и да го започне и да го заврши со солзи.

-Само што се земавме со сопругот почнавме да правиме темели спроти собава во која и ден денес живееме. Се надевав дека ќе направиме еден ден дом за нас и децата. Ама, многу е тежок животот. Не стигнува ни за да се прехраниме, а не да градиме куќа. Се потешко и потешко е.

Децата веќе се срамат. Немаат каде да седнат, да легнат, а не да викнат другарчиња. Во училиште гледаат дека другите деца имаат се, телефони, компјутери, нова облека, тие немаат ништо од тоа. Но, се ќе помине, без се ќе издржиме, само нов дом, тие неколку собички да ги направиме и ќе бидеме најсреќни- завршува Кате за емисијата Срцен на дланка.

Доколку сакате да помгнете на ова семејство тоа можете да го направите преку нивната трансакциска сметка 210501645840468 или на телефонскиот број на Катерина 071275684.