Македонија остана без уште една еминентна личност – се упокои Велибор Џаровски

Денеска, Македонија загуби уште една еминентна личност од естрадата.

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.

Џаровски соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, но исто така беше познат како „крал на местенките“ во фудбалот, нешто што самиот никогаш не го криеше и отворено зборуваше за тоа.

Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена се само некои од музичките ѕвезди со кои соработуваше Џаровски и на кои им организираше турнеи. Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.

Џаровски остави силен впечаток и во југословенскиот фудбал, каде што, како што самиот призна, наместил повеќе од 80 натпревари во сите рангови на натпреварување, оставајќи зад себе легендарни приказни за тоа.