Македонката Ел Кедра отрки како преживеала 38 дена во Газа: Работев 24 часа на ден, се чекаше 5-6 часа за леб

Елизабета Ел-Кедра, Македонка од Прилеп и нејзиниот сопруг, Палестинец кој има и македонско државјанство, се второто од вкупно двете семејства што беа евакуирани од Газа и се вратија во Северна Македонија.

За разлика од семејството Скаик, каде условите дозволиле побрза евакуација, семејството Ел-Кедра чекаа 38 дена да бидат извлечени од Газа. За тоа време се засолниле и живееле во болницата „Ал -Амал“ во градот Ханионис, во јужниот дел на Газа, која е дел од палестинската црвена полумесечина.

Елизабета таму работела како фармацевт.

„Секој ден по 24 часа јас бев на моето работно време и со тоа бев и сведок на многу човечки трагедии, страшни човечки судбини, на многу страдања… Болницата и целиот комплекс стануваа импровизирани живеалишта на се поголем број луѓе кои бегаа од сите страни на Газа, во потрага по побезбедно засолниште, иако не постои безбедно место во Газа. Во градот од првиот ден немаше струја, немаше вода, луѓето чекаа по 5-6 часа за леб, продавниците беа целосно испразнети“, раскажува Елизабета за Радио Слободна Европа.

По долга и мачна неизвесност, трауматични искуства од секојдневното бомбардирање и засилени дипломатски напори, таа и сопругот во средината на ноември слетаа на скопскиот аеродром.

Од првиот ден, таа и сопругот се обратиле во македонската амбасада во Kаиро и побарале помош за евакуација. Елизабета вели дека помошта ја добиле, со голем ангажман и посветеност на дел од вработените во Министерството за внатрешни работи (МНР), пред се, амбасадите во Каиро и во Тел Авив, како и на луѓето од Меѓународната организација за миграции (ИОМ) го организирале нивното згрижување и враќање.

Излегле од Газа, една вечер останале во Египет и дошле дома. Тука Елизабета ја преплавиле измешани чувства.

„Првото чувство ми беше дека еден кошмар се претвори во сон, но се уште не во реалност. Се уште се убедувам дека ова е реалност“, вели таа за Радио Слободна Европа каде може да ја проследите целата сторија.