Никола Груевски не мирува: Пак ја подбра актуелната власт

Некогашниот македонски премиер, кој сега си живее во Унгарија, Никола Груевски не престанува да биде активен на социјалните мрежи, а овојпат напиша:

Се сеќавам како со години имавме акција за садење милиони дрва секоја година на денот на дрвото кој се одржуваше секоја година во доцна есен, период во кој според експертите најголеми се шансите да успее садница на дрво.Иницијативата дојде од оперскиот пејач Борис Трајанов и НВО “Засади дрво”.

На денот на дрвото се садеа годишно помеѓу 2 и 6 милиони дрва. Секако си остана редовната годишна програма на Македонски шуми кои секоја година бездруго садеа околу 600 илјади дрвца.Она што беше многу важно е што тој ден се прогласуваше за неработен и имаше јавна покана до сите граѓани да излезат на одредени однапред определени места од АД “Македонски Шуми” во или околу сите градови и населени места и во сите делови на Македонија за да лично помогнат и да засадат дрва. Тоа беше неверојатно голема работна акција, со неверојатно огромен одѕив.

Не беше само вредност во ново засадените дрва, која секако е многу важна, туку општата прифатеност и вклученост на населението во садењето. На тој начин се внесуваше култура и навика за садење дрва и љубов и внимание на граѓаните кон природата, шумите и дрвата, бидејќи тој кој засадил едно или неколку дрва во животот, тешко дека така лесно ќе исече или уништи дрво понатаму, а тој кој никогаш не засадил, многу полесно ќе посегне кон тоа.

Тогаш опозицијата не критикуваше дека тоа било непрофесионално, наоѓаа и сликаа места каде садниците не успеале и слично. Секако дека на 5 милиони ново засадени садници дел нема да успеат од различни причини, но како што денес ме потсети еден пријател, и ниту едно дрво да не е успеало голема придобивка е стекнувањето култура и навиката за садење и одгледување дрвја и љубов да се зачува и негува природата, дрвјата и шумите на нашите граѓани.

Одкако се смени власта оваа акција која после толку години веќе беше станала традиција, како и се друго се укина, но не се замени со нешто ново, подобро, поефикасно, попрофесионално или покорисно.Ако нашата акција не била добра, која е денес нивната активност за да се споредиме.

Всушност главниот проблем со оваа власт е што немаме со што да се споредиме во многу области, независно дали станува збор за пошумување, реформи во многу области, градби, фабрики и странски директни инвестиции, обуки на лекарите и опрема за здравството, воведување од нула високи субвенции и други мерки во земјоделието, намалувањето на даноците, отворањето нови работни места, привилегии за пензионерите, можности за младите итн.