Никола Груевски: Не создавајте атмосфера на вина и сомнеж на сите лекари и медицински сестри

Можеби како што вчера кажа премиерот Ковачевски скандалот на клиниката за онкологија е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен (колку и ова последното да не ми е јасно).

Но овој скандал со крадење лекови против канцер и нивно продавање, а наместо тоа лажирање дека се дава лек преку вбризгување физиолошки раствор на болните, е тешка измама и криминал која е одраз и рефлексија на едно време на целосно еродирани морални вредности во општеството, анархија, како никогаш досега големи и секојдневни неправди,

одсуство на посветеност на работата за која си избран и платен, трули критериуми, односно критериум дека нема критериум, безредие, односно ред во кој редот понекогаш и само за некои важи и состојба на највисок степен на неодговорност. Време кога сѐ е можно и ништо не е можно. Кратко кажано – канцер на општеството и на моралните вредности.

Тоа време во Македонија, или ако сакате тој степен на целосно девастирање на моралните вредности во општеството е рефлексија на “црпнувањето на месијата” и неговите следбеници, кога измамата стана секојдневие, кога измамата стана модел за успех на “месијата” од кој многу од другите учат и следат, кога сѐ се може со лажирање, притисоци на обвинители, судии, администрација, пратеници, политичари,

медиуми, бизнисмени и компании, местење тендери, лажирање реалност, лажирање резултати, лажирање обвиненија и пресуди, затворање неистомисленици, извртени тези во кои треба да се верува, “реформи” божем за народот и бизнисот воопшто, а всушност за бизнисот на водачот, лажење и крадење секој ден, во секој миг и во секоја прилика, бидејќи нели “светот е воодушевен од нив и нивната храброст и ќе им прогледа низ прсти за сѐ”.

Го промовираа и почна да се гледа како можен нобеловец. Па така, брзо тој измамнички дух и нормалност на водачот, се пренесува во секоја пора на општеството на микро ниво, како пример на односот на “наградениот водач”, ги зафаќа младите кои како и во секое општество учат од водачот, ги збунува повозрасните да се прашаат со кого нешто не е во ред, со нив, со сите нивни проблеми и неуспеси, или со водачот со сите негови измамнички тези и успеси базирани на измами.

Одкога почнува “на големо” распродажбата на националните интереси, трупањето пари на нивните фирми и сметки во странство, лажењето на цел еден народ или барем на дел од него, тоа почнува да станува формула или пример за успех на многумина кои трагаат по успех по секоја цена, во време кога криминалот водачот го чувстува како награда за неговата “приложената жртва”.

Кога ненормалното станува нормално, а нормалното-ненормално…Корупција, криминал, неправди и измами имало секогаш и секаде, и ќе ги има секогаш и секаде. Но овој степен, ова ниво, овие “височини”, ова дно, што експресно го утростручи иселувањето од Македонија годишно, еве веќе 6 години по ред, апатијата која стана колективна карактеристика и секојдневие, ќе остане забележан како несекојдневно морално отстапување во историјата на македонскиот народ и на Македонија, како екстрем незабележан претходно.

И не создавајте атмосфера на вина и сомнеж на сите лекари и медицински сестри. Канцерот во општеството излезен од “лабараторијата на месијата” е општо присутен, но само индивидуално прифатен. Не се сите заболени. Нема сектор што не е опфатен, но морално здравите сеуште ги има насекаде, сеуште се мнозинство иако доста потиснати и ќе дојде нивното време.

Најлошо е што канцерот сеуште прогресира во општеството. Треба “операција”! Итна! И силна терапија.Не се лечи со “физеолошки раствор”.

И немојте да ми говорите за неказнивост додека несудениот нобеловец не ја добие заслужената “нобелова награда”, а се чини дека нема да ја добие. Мислам на онаа земската, оти за онаа другата, друг одлучува.Ќе бидат потребни години, а можеби и децении, состојбите да се вратат во некои подносливи граници.