Никола Груевски се прости од Силвио Берлускони и откри кога му кажал лично во што вложил 400 милиони евра

Денес почина Силвио Берлускони поранешниот премиер на Италија и прв човек на ФК Милан, а од него по пат на социјалните мрежи се прости нашиот некогашен премиер Никола Груевски:

Имав многу средби и разговори со Силвио Берлускони. Од онаа првата која беше партиска во 2005 година во просториите на неговата партија во Рим, кога меѓу другото ми раскажуваше дека сака да има многу подолг живот од просечниот човечки живот и дека за таа цел приватно вложил ако добро паметам 400 милиони евра во научни истражувања за продолжување на човековиот живот,

преку многуте средби во својство на премиери исполнети со многу анегдоти и шеги проткаени помеѓу службените и државнички разговори, за на крај последната средба да е повторно на партиски самит во Ла Валета на самитот на европската народна партија во март 2016 година, време во кое се справуваше со многу политички проблеми и судски прогони за кои и покрај сѐ, ведро и проткаено со многу шеги раскажуваше.

Човек кој многу го сакаше и на свој начин го живееше животот, секогаш ведар и расположен, ќе остане во сеќавање на италијанскиот народ по многу нешта меѓу кои и како премиер на Италија со најдолг мандат по втората светска војна.

Некои го почитуваат, некои помалку, но она што беше константа за нас како македонци и како граѓани на Република Македонија, беше што секогаш и без исклучок ни даваше подршка кога ќе побаравме нешто за Македонија.

Во времето кога тој ја предводеше Италија, секогаш имавме отворена подршка, и не се грижеше многу што за тоа ќе помислат некои наши соседи или било кој.Нека почива во мир!