Нуделе работни визи во Германија и наплаќале, па две жени од Тетово и Гостивар завршија во полиција

Сонот и желбата за иселување и работа во Германија кај многумина наши сограѓани е голем.

А со тоа има и многу нестрпливи кои сакат по брза постапка да дојдат до истата, па наседнуваат и на непосакувани работи.

Токму вакво нешто откри македонската полиција деновиве, а за што информираше утрово:

Приведени две женски лица во Гостивар, поради сомнение за повеќе сторени измами

Полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар вчера (20.03.2023) околу 14.15 часот ги лишиле од слобода 41-годишната тетовка А.А. и 26-годишната Ф.Б. од гостиварско Србиново.

Тетовката, која во Гостивар престојувала кај Ф.Б, се сомничи дека минатата и оваа година на подрачјето на Гостивар, Тетово и Скопје извршила над 5 измами, лажно ветувајќи им на измамените дека ќе им обезбеди работни визи за Германија, за што им побарала и добила одреден паричен надоместок.

Двете се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што на А.А. ќе ѝ биде изготвен поднесок по член 247 од Кривичниот законик.