Огнен Јанески по 10 години реши дека е доста – објави крај и се одјави

Познатиот новинар Огнен Јанески на својот фејсбук профил сподели емотивен статус во кој вели:

Емисијата ,,Очи в Очи” започна пред 10 години, на 8 мај 2013 година. По 10 години во оваа емисија, а 15 години откако започнав да водам контактни емисии, време беше една оддишка да се земе од нив и да се одмори од фразите ,,Ве молам, намалете го тонот на телевизорот” и ,,Зборувајте на темата”.

Што сè не поминавме заедно во емисијата #ОчиВОчи – од најпозитивниот до најнегативниот екстрем. Од најголемите среќи и најдлабоките таги, споделени по сите основи – лично мои, лични од гледачите, општествено важни и животопроменувачки.

Не мислев дека дотолку ќе се вгнезди еден ваков формат на емисии, но, циклусот на кругот на животот треба да се затвори како што и започнал. Најголемите умови во историјата рекле дека треба да знаете кога да се повлечете при успехот, и можеби времето за некого е задоцнето, но, секој си го следи својот пат.

Телевизија 24, преку оваа емисија обезбеди стандарди за гледачите кои претставуваа сè што нашето општество е. И токму тоа беа едноставните причини за постоењето на емисијата – почитување, слушање, коментирање, фокусирање и одржување. Ви благодарам што емисијата ја направивте да биде на тој пиедестал на кој вие ја поставивте, и што ми бевте водилки во текот на моето битисување низ неа.

Денеска, 10 и пол години подоцна, а 10 ефективни за мене, конкретно од оваа емисија се одјавив, а и јас си дадов за право да си го кажам своето мислење (иако повеќе од две минути) наспроти тоа што секогаш велев дека е неважно моето, и тоа е за гледач(к)ите.

P.S. Денеска ја носев истата пеперушка како во првата емисија. Кошулата не е истата оти сум здебелен, ама е истата боја. Коса немам, а ни очила, ама брадата ме вади. Фотките се од првата и од последната емисија.