Одново ХАОС на спортски меч во Чаир: Физички нападнати тренерите и играчите на МЗТ Скопје

Сериозен инцидент се случил на полувремето од вечерашниот кошаркарски натпревар помеѓу Чаир 2030 и МЗТ Скопје, откако, според информации од таборот на аеродромци, неидентификувани насилници влегле во соблекувалната и извршиле физички напад врз членовите на стручниот штаб и играчите на гостинскиот тим.

Неофицијално, напаѓачите првично замавнале кон тренерот Васко Атанасов, но за среќа го промашиле, но таква среќа немал еден од неговите помошници, кој добил удар во лицето.

Насилниците потоа тргнале да се пресметаат со кошаркарите, кои веднаш изреагирале и успеале да ги отстранат од соблекувалната каде што потоа се затвориле од страв за сопствената безбедност.

Поради тоа, аеродромци одбиле да излезат на терен за да го доиграат второто полувреме, вознемирени од нападот и загрижени за тоа дека повторно би можеле да бидат нападнати.

Мечот така заврши со прекин по првото полувреме, по кое МЗТ водеше со 44-42. Сега на потег се луѓето од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за да го регистрираат овој натпревар според тоа што не смеело, ама се случило на паркетот.

Инцидентите на спортските терени во Чаир не се непознато со оглед на тоа што имаат историја, како на фудбалски и футсал дуели, така и на ракометни.