Отварајте очи со банкноти евра од 20, 50, 200 и 500 евра во и од Германија

Во Германија минатата година од оптек се повлечени поголем број лажни евро банкноти отколку во 2022 година, објави германската централна банка (Бундесбанк) во Франкфурт на Мајна.

Бројот на лажни банкноти повлечени од оптек во 2023 година се зголемил за 28,2 отсто во споредба со 2022 година и изнесувал 56.000“, се вели во соопштението на Германската централна банка.

Вкупната штета предизвикана од употребата на лажни банкноти изнесува 5,1 милион евра. Истовремено, најголема штета е направена на банкнотите од 200 и 500 евра, преку трговијата со накит, златни прачки, часовници и автомобили.

Банкнотата од 50 евра и натаму е најпопуларна меѓу фалсификаторите. Дури 38 отсто од сите запленети фалсификувани банкноти се банкноти од 50 евра. После тоа доаѓаат оние од 20 евра. Меѓу најчесто фалсификуваните монети се и монетите од две евра.

И покрај зголемувањето на бројот на запленети банкноти, фалсификувањето се уште е на ниско ниво, објави Бундесбанката.

„Вкупниот износ на шверцувани пари сè уште е, генерално, на ниско ниво, што значи ниско ниво на опасност за граѓаните“, рече комесарот за фалсификувани пари на централната банка, Буркхард Балц.

Според податоците на Европската централна банка (ЕЦБ), во 2023 година биле откриени 467.000 фалсификувани банкноти на еврото, што е за 24 отсто повеќе од 2022 година.