Панчо од ДНК откри: Доколку не беше ти, ние одамна немаше да постоиме

Владимир Блажев или во јавноста познат како Панчо ДНК или Диџеј Шори се огласи на својот фејсбук профил каде напиша:

Еден ден по концертот, сè уште не можам да си ги соберам импресиите и емоциите. 🥹 Солзи па насмевки… Прочитана порака во инбокс, вибер, смс, па пак ќе се исплачам.

Таман ќе се вратам во нормала, па ќе ја погледнам онака фотографијата да видам дали е реална или е само убав сон кој од срце го посакувам на секој еден наш колега да му се случи барем еднаш во кариерата.

Сè уште не ми е верно колку луѓе дојдоа да ме/не испочитуваат и дадат поддршка за тоа што го работиме изминатите 20 години.

Се што ќе кажам ќе биде премалку, факт е дека немам зборови со кои би можел да го опишам чувството кое го имав додека бев на бина и ве гледав како ги пеете сите песни од збор до збор. Ова не е само успех на ДНК, ова е успех за македонската музика која треба да си ја негуваме.

Пред сè, морам да се заблагодарам на мојот/нашиот бенд ( Сара, Ана, Филип, Папаз, Сајко, Александар и Филип ) кој напорно работеше изминативе месеци и за нивната несебичност и посветеност.

Нашите пријатели/спонзори кои и покрај економската глобална криза најдоа начин и смогнаа сили да нè поддржат финансиски за разлика од оние гиганти со мали срца кои немаа никаков сенс, поготово кога станува збор за македонски артисти и уметници.

Сакам да му зе заблагодарам јавно, по не знам кој пат, на нашиот трет член и брат Лазар за континуираниот допринес во ДНК и влијанието кое го има врз нас. Ќе кажам повторно: доколку не беше ти, ние одамна немаше да постоиме. Фала ти од срце, те сакам бескрајно.

Морам да се заблагодарам на целиот тим со кој го спремавме концертот изминативе 6 месеци и без кој ова немаше да изгледа ни приближно вака: Даре, Цуци, Дениз, Даме и Роберта.

Пасворд продукција за одличниот технички и продукциски дел, ДВД+ за врвниот стејџ, звук и светло, нашиот долгогодишен ПР и дел од тимот, Александра Тимковска – Сани и вас медиумите кои ни ја дадовте максималната поддршка и простор во вашите ценети медиуми. Бескрајно сме ви благодарни

Нашите пријатели, другари, соработници – колеги, гостите кои не почестија со нивното присуство и дадоа посебен шмек и придонесоа за шоуто да изгледа такво какво што беше: Наум Петрески, Џамбо Агушеви Оркестар, Јанг Дади, Таско, Ена, Тамара, Мина, Буцо, Мерима Саитова.

Можам да пишувам уште два дена без престан, но за крај само да кажам најголемо, нааајголемо фала до вас публиката која верно стои покрај нас овие 20 години.

Ви се извинувам во мое и името на Андреј доколку имаше некаков пропуст на концертот од било каков аспект и ако сум заборавил некого да споменам, потсетете ме веднаш ќе се поправам.

Се гледаме на 25 години јубилеј, а до тогаш останете ми само живи, здрави и поддржувајте македонска музика. Ве сакам Ваш, Панчо.