Поради немање ученици се затвора училиште во пробиштипско, слично сценарио се заканува на уште неколку училишта во источна Македонија

Подрачното петгодишно училиште во пробиштипското село Стрмош и официјално ќе се стави во мирување поради недостаток на ученици. Таму останале само две деца, па родителите и управата барале ова училиште повеќе да не работи, а за тоа неодамна е добиено зелено светло и од Министерството за образование и наука. Престанокот на училиштето е само привремен, односно додека не се створат услови за запишување ученици во ова училиште.

„На седницата одржана на 17.7.2023 година, Советот ја донесе Одлуката за отпочнување на постапка за ставање во мирување на подрачното училиште во село Стрмош, а по барање на родители на две деца кои учат во тоа училиште и Извештај поднесен од ООУ „Никола Карев“ под коешто спаѓа и ова подрачно училиште во село Стрмош.

Врз основа на тоа се донесе оваа Одлука, која согласно со Законот за основно образование беше доставена на мислење во Министерството за образование и наука. На 28.9.2023 година дадено е позитивно мислење на оваа одлука и затоа постапката за ставање во мирување на училиштето во село Стрмош треба да продолжи за донесување ваква Одлука до повторно создавање услови за запишување ученици во училиштето“, велат од Општината.

Училиштето недостаток на ученици има уште во учебната 2013/2014 година, покажуваат податоците на официјалната веб-страница на Општина Пробиштип. Тогаш таму немало првачиња, а имало само три ученика во второ одделение, по два во трето и четвртто и три во петто одделение. Вкупно десет ученици учеле во комбинирана паралелка.

Прашање е и дали воопшто ќе се создадат услови за повторно функционирање на училиштето, имајќи предвид дека бројот на население во Стрмош опаѓа, а според последниот Попис во 2021 година, таму има 216 жители.

Вакво затворање на училиштата им се заканува на повеќе села од Истокот. На почетокот на оваа учебна година без првачиња останаа три кочански села, Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци. Во виничко Блатец беа запишани три првачиња, а во Лаки само едно. И штипските централни училишта на почетокот на секоја учебна година бараат согласност за комбинирани паралелки со оглед на малиот број ученици во подрачните училишта, пренесува Мнет телевизија.