По трагедијата во Кочани уште една жена од овој град стравува за својот живот поради својот екс партнер

„Се плашам дека јас ќе сум наредната жртва!„ – вака, со овие зборови, по свирепото убиство во Кочани, жена од истиот град побарала помош од штипската организација ЕХО. Кочанчанката неколку години живее во страв и притисок од својот демнач.

Плашејќи се за својот живот нејзиниот идентитет нема да се открие, но затоа пак нејзин гласноговорник ќе биде ЕХО, организацијата која извесен период се бори за да ја заштити.

„Жената се јави во попладневните часови, беше многу вознемирена бидејќи поради некој сплет на околности и самата го видела мртвото тело на убиената жена на улица. Била вознемирена и она што таа нас ни го кажа е дека се плаши дека и таа може да биде следна жртва на таков фемицид, такво свирепо убиство. Инаку е жртва на демнење подолг период„ вели Благица Киров, правник во граѓанската организација ЕХО од Штип.

Агонијата и секојдневниот страв почнува откако жената решила да стави крај на нивната врска. Тогаш мажот на кој му верувала се претворил во демнач. Насилникот е веќе условно осудуван за демнење. И покрај тоа што му се изречени три привремени мерки за заштита од семејно насилство, истиот ги крши и продолжува психички да ја малтретира жената. Таа пријавила дека мерките не ги почитува и демнењето продолжува.

„Повеќе пати го има пријавувано. Мислам дека 6 кривични пријави има заработено демначот, според изјавите на жртвата. Се уште нема судска постапка.

Се уште е во фаза предметот кај јавен обвинител и јас во име на организацијата ЕХО ја користам приликата јавно да апелирам до надлежните институции посебно до Јавното обвинителстви, па понатаму и до Основниот суд, да се забрзат сите постапки и да се изречат соодветни кривични санкции и за кршење на мерките и за непочитување на судските одлуки„ изјави Киров.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Алфа Тв.