Пристигаат работници во Македонија од Кенија, Зимбабве, Бангладеш, Шри Ланка: На фирмите им се нудат странски сили

Филипини, Индија, Шри Ланка, Непал и Бангладеш, Кенија, Зимбабве се локациите од кои македонските агенции почнаа да интегрираат странска работна сила во Македонија. Понудите веќе може да се најдат на социјалните мрежи од страна на посреднички агенции, а во нив се вели дека се нуди професионален сервис за регрутација на квалификуван кадар од странство за потребите и развојот на македонските компании. Во ваквите понуди се вели дека економскиот развој и одржливоста на бизнисите во многу случаи зависат од квантитетот и квалитетот на работната сила, па затоа се врши и регрутација на работници.

„Доколку вашата компанија има потреба од ангажирање на работници од странство, Ве молиме да нѐ контактирате. Нашиот стручен тим ќе ве посети и ќе ви даде предлог-проект за регрутација на работна сила од регион/држава која нуди најдобар квалитет на работници од бараната струка.

Нашата услуга нуди комплетен сервис до вработување на странскиот работник во вашата компанија (понуда на работна сила, интервју за вработување, легализација на документи за виза, поднесување на барање за регулирање статус во Македонија, пријавување во Бирото за вработување и слично).“ – стои во една од понудите.

Првите работници од Индија почнаа да работат во светиниколска фарма во мај минатата година. Тогаш Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи посочи дека повеќе македонски агенции се подготвуваат за да увезат работна сила од држави како Бангладеш, Пакистан, Филипини, кои имаат трипати пониска плата од нашата. Тој вели дека ова е единствен начин да се задржи нашата економија.

Неодамна Владата ја зголеми и квотата за увоз на работна сила од 5.000 на 7.000. Но во овој случај ставовите беа поделени. Димитров рече оти зголемувањето ќе го ублажи недостатокот на работници, но бројката повторно ќе биде мала за следната година. Некои организации, пак, сметаа дека ние сега не знаеме ни каде се тие 5.000 работници, односно дали е исполнета оваа квота за да ја зголемуваме.