Пристигаат 3000 странски работници во Македонија – меѓу нив Пакистанци и Непалци

Бизнисот се жали, власта слуша, ама не нуди конкретни решенија. Годишната конфереција на Стопанската комора на северо-западна Македонија ги исфрли на виделина критичните точки на бизнисот кои влечат корени од поодамна но за нив нема решение. Јавноста ги слушна, но само на албански јазик, на кој се обратија домаќините, но и владините претставници.

Клучниот проблем вo бизнисот се платите но и работната сила. За да ги задржат работниците и да можат да делат повисоки плати бараат намалување и либерализација на меѓународниот пазар на труд.

-Бараме од Владата придонесите за минимална плата кои се високи и изнесуваат 47,5 отсто да се намалат на 32 отсто за да се зголеми минималната плата. Исто така бараме Владата да ја либерализира увозот на работна сила, бидејќи се работи за многу сложена и долга процедура, поради што голем дел од странските работници работат на црно.

Бараме и зголемување на квотата на странски работници од 5 на 10 или 15 илјади работници годишно. Заедно со Владата треба да ја подготвиме повеќегодишната програма за професиите кои се потребни во државата, изјави Менди Ќура, претседател на стопанска комора на северо- западна Македонија.

– Младите не бегаат само поради ниски плати. Дигиталната трансформација ќе го подобри деловниот амбиент, ќе ја зголеми ефикасноста и професионалноста и ќе ја намали корупцијата , рече Министерот за информатичко општетство и администрација Азир Алиу за Алфа Тв.

Инаку, годишно ни недостигаат 10.000 работници, најмногу во туризам и градежништво. Годишната квота моментално е 5.000 странски работници, а до крај на март над 3.000 странски граѓани годинава добиле дозвола да работат во Македонија меѓу кои и работници од Непал и Пакистан.